Премиерот Христијан Мицкоски и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски имале средба со поранешниот директор за национално разузнавање на САД, Ричард Гренел.
Ова е втора средба на премиерот со Гренел после онаа во Вашингтон за време на Самитот на НАТО и на неа, според првиот дел од соопштението, се разговарало „за актуелните случувања во регионот на Западен Балкан, при што беше истакнато значењето на одржувањето мир, безбедност, стабилност и продлабочување на односите и соработката меѓу државите во овој дел од Европа“.
Но, за нас, поинтересен е вториот дел од соопштението во кое се вели дека на средбата била „разгледана можноста за евентуално американско учество во енергетскиот проект ‘Чебрен’, кој има стратешко значење за енергетската независност на земјата“.
После првата средба на Мицкоски со „господинот контроверза“, како што го нарекуваат американските и светските медиуми, новинарот и луциден политички аналитичар Љупчо Поповски, непосредно по првата средба и вечера на Мицкоски со Гренел, во текст за Дојче Веле со наслов „Орбан и Гренел – двата нови македонски олтари“ ги отвори прашањата што ги наметна таа средба.
„Каква соработка би можеле да имаат македонските власти со Гренел. Дали да му понудат нешто слично на она што Вучиќ му го понуди на зетот на Трамп, Џаред Кушнер (а во што посредуваше Гренел) – изградба на хотелско-трговски резиденцијален комплекс на местото на разурнатиот Генералштаб во Белград (симболот што остана да потсетува на бомбардирањето на НАТО). Не би било изненадување. Дали би било нешто во енергетиката? Ќе дознаеме, ако имало такво нешто“, напиша тогаш Поповски.
Па, еве, се чини дека одговорот на овие прашања веќе ги донесе вчерашната средба, на која, според владиното соопштение „се анализираа можностите за искористување на потенцијалите за идни заеднички инвестиции во проекти значајни за регионот“ и дека „во наведениот контекст беше разгледана можноста за евентуално американско учество во енергетскиот проект ‘Чебрен’, кој има стратешко значење за енергетската независност на земјата“, се посочува во соопштението.
Очигледно е дека ХЕЦ Чебрен, кој за ВМРО-ДПМНЕ беше скандалозен проект на СДСМ, сега станува бомбона бизнис за партијата од белата палата. Сега останува да ги дочекаме реакциите од „Здружение на инженери на Република Македонија“, кои беа првата тупаница на ВМРО-ДПМНЕ во кампањата против ХЕЦ Чебрен да излезат и да го поздрават „новиот“ енергетски проект на актуелната влада.