Терминот „апсолутен победник“ во апсолутна смисла значи – апсолутна власт. Бидејќи веќе ја имаат претседателската, извршната, законодавната, локалната и ќе им недостига само уште судската, на која веќе и се намерачиле.
Љубиша НИКОЛОВСКИ
Октомври можеби за граѓаните изгледа далеку, но за партиите е многу блиску и тие веќе се почнати со свои партиско-теренски активности. Но пред сѐ со изјави кои се наменетеи за билдање на сопствените позиции пред јавноста.
Лидерот на ВМРО ДПМНЕ во свој манир на претставување на силината на својата партија преку анкети, веќе прогласи победа.
„Јас сум реален оптимист дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата што ќе ја предводи ќе биде апсолутен победник на локалните избори“, изјави тој.
На кого му е упатена оваа порака? На граѓаните да не се залажуваат да гласаат за друга партија зашто ќе им биде за џабе? Или на партиите дека што и да прават ќе изгубат?
Ако е така тогаш што ни останува на сите нас соочени со неизбежното – со апсолутната власт на оваа коалиција? Да ги пакуваме куферите и да го фатиме патот под нозете?!
Терминот „апсолутенн победник“ во апсолутна смисла значи – апсолутна власт.
Затоа што веќе ја имаат претседателската, извршната, законодавната, локалната и ќе им недостига само уште судската, на која веќе и се намерачиле.
Така што, пред октомври кога се локалните избори, е март, кога најверотано ќе се одржи и собраниската седница на чиј дневен ред ќе се најдат и интерпелациите на членовите на Судскиот совет.
Велат, внимавај што посакуваш!
Затоа што ако такво нешто се случи Македонија може да влезе во многу неповолна политичка, економска и севкупна општествена криза.
Дали ВМРО ДПМНЕ ќе биде среќна со таквата победа и дали граѓаните ќе бидат задоволни и среќни веројатно ќе треба да се праша лидерот на партијата.
Па сепак останува едно отворено прозорче на надеж, а тоа е дека никој не ги знае патиштата Божји однапред.
Со други зборови животот не е само „збор“, туку е секојдневна реална битка со предизвиците што тој ги носи.
ВМРО ДПМНЕ како и сите останати политички субјекти ќе треба да се помачат за да ја добијат довербата на граѓаните.
Како и во секое политичко надмудрување, власта ќе се фали со сработеното, опозицијата ќе критикува за се што не е сработено. Локалните избори нема да бидат различни во тој пристап.
Што се однесува до имињата на потенцијалните кандидати за градоначалници, Мицкоски вели дека во тек е внатрепартиска процедура, односно дека прво ќе биде земено предвид мислењето на членството, а потоа и мислењето на граѓаните, за на крај да се направи симбиоза, по што ќе излезат со имињата на кандидатите пред органите на партијата.
Но, уште сега е очигледно дека на ВМРО-ДПМНЕ главната цел ќе им биде повторното освојување на градот Скопје, но овој пат со „свој“ кандидат.
Неколку имиња на кандидати веќе отворени ги искажаа своите амбиции како што се сегашниот министер за локална самоуправа Златко Перински и градоначалникот на Кисела Вода, Орце Георгиевски.
Во СДСМ процесот оди обратно. Конференциите во општинските организации завршуваат, раководствата се избрани и се работи на идентификување на најдобрите можни кандидати кои ја претставуваат партијата на локалните избори во делот на градоначалници како и на советничките листи.
„Ги бараме луѓето кои во средините во кои живеат се препознаени како најдобри и како квалитетни луѓе кои ќе можат да ги испорачаат ветувањата што ќе ги дадат“, вели лидерот на партијата Венко Филипче.
Ако Мицкоски во најавите за победа на локалните оди со анкета во која тие водат со 4:1, Филипче потсетува на анализата според која 45 проценти од граѓаните или секој втор граѓанин има помалку пари од лани оваа година.
На прашањето дали СДСМ ќе коалицира со некоја од партиите за време на локалнаите избори Филипче е дециден: „Членството во партијата се враќа и сите се свесни дека СДСМ е единствената партија која може да ја победи ВМРО ДПМНЕ“.
Досегашната коалиција од 14-15 партии останува според Филипче но, како што вели „ќе имаме и посебни коалиции со различни политички субјекти, секако и со делови од граѓанскиот сектор, независни листи, поединци кои добро котираат во своите општини а се блиски до социјалдемократската идеја.“