На една недела пред изборите претседателот на САД Џо Бајден направи гаф кој може скапо да ја чини кампањата на Камала Харис, негов соборец и потпретседателка. Дотолку повеќе, ова е во спротивност со идејата на Харис кажана синоќа во нејзиниот заклучен говор пред десеттина илјади подржувачи, дека таа заслужува да стане „претседател за сите Американци“, па и за оние кои гласале за нејзиниот ривал, Доналд Трамп.
Во видео повик синоќа со лидерите на јужнамериканската заедница во САД насловен „Вото латино, излезете да гласате“, Бајден се повика на митингот на Трамп во неделата во Њујорк, на кој беа искажани навреди за Харис и радикални ставови како тоа дека американската карипска територија Порторико е „пловечки остров од ѓубре“. Инаку, јужнамериканците се клучна популација за секои избори во САД затоа што над 32 милиони од нив се регистрирани гласачи.
-Пред некој ден, еден говорник на тој митинг го нарече Порторико „пловечки остров од ѓубре.“ Па, да ви кажам нешто… Јас не знам такво Порторико, а Порториканците што ги знам… во моето родно место Делавер, се добри, чесни и почитувани луѓе, изјави Бајден.
-Единственото ѓубре што го гледам како плови таму се неговите поддржувачи,“ додаде тоj, па направи кратка пауза и продолжи. „Постојаното оцрнување на јужноамериканците од негова страна е неприфатливо и анти-американски.“
Белата куќа брзо изреагира и се обиде да ја исправи грешката.
Портпаролот Ендру Бејтс изјави дека ова се однесувало на „говорот на омраза“ на митингот на Трамп во Њујорк, а не неговите поддржувачи. Тој изјави дека Бајден всушност го кажал ова: „Единственото ѓубре што го гледам како плови таму е неговото оцрнување на јужноамериканците, што е бесмислено и неамерикански.“
За исправањето на грешката да изгледа поубедливо, и самиот Бајден излезе со изјава на социјалните межи.
-Во врска со моите коментари претходно денеска (за ѓубрето и Порторико) е тоа дека оцрнувањето на јужноамериканците од страна на Трамп е целосно неприфатливо. Тоа е сè што сакав да кажам. Кажаното на тој митинг не е одраз на нашата нација,“ напиша Бајден на X.
Но, штетата можеби веќе е направена.
Коментарот на Бајден веднаш предизвика споредби со изјавата во 2016 година на поранешната демократска кандидатка Хилари Клинтон дека половина од поддржувачите на Трамп се „јадници“ поради тоа што искажуваат „расистички, сексистички, хомофобични, ксенофобични, исламофобични“ ставови. Нејзините коментари станаа повик за обединување околу Трамп и конзервативните медиуми и остануваат симбол за гордост на неговите поддржувачи кои сметаат дека демократската елита од источниот брег гледа кон нив со презир и надменост. Оттука се појави и мотото на конзервативците собрани околу Трамп за потребата „да се исуши мочуриштето“ (Drain the swamp) на Вашингтон
Неговата сегашна каммпања ја искористи шансата дадена со гафот на Бајден и се обидува да создаде слична динамика, тврдејќи дека поранешниот претседател го поддржуваат „латиноамериканци, афроамерикански гласачи, работници во синдикатите, мајките на починати деца, полициски службеници, агентите пограничната полиција и Американци од сите вери,“ додека неговите противници како Бајден и Харис „ги етикетираат овие големи Американци како фашисти, нацисти, а сега и ѓубре.“ Националната секретарка за печат на кампањата на Трамп, Каролин Левит, рече: „Нема начин како ова да се спинува. Џо Бајден и Камала Харис не го мразат само претседателот Трамп, туку презираат и десетици милиони Американци кои се негови поддржувачи.“
Борис Камчев од Вашингтон, специјално за Рацин.мк