Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Панче Тошковски бил адвокат на фирмата која после судски спор добила решение и сега почнува да гради катна гаража до Собранието

Зоран БОЈАРОВСКИ

Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски бил адвокат на фирмата која започнува со активности за изградба на катна гаража до Собранието, на која на два пати ѝ беше оспорено и поништено одобрението за градба од Општина Центар.

Дека Панче Тошковски бил застапник на „АНГО дооел“, фирмата што во 2013 година на јавно наддавање ја доби маркицата за катна гаража во непосредна близина на Собранието на Република Северна Македонија во предметот со број У-3.бр.20/2021 во Управниот суд.

Во овој предмет Панче Тошковски, како застапник на „АНГО дооел“, покренал тужбена постапка за против Решението на Градоначалникот на Општина Ц. УП1 бр.27-300/2014 од 02.10.2020 година, со кое е огласено за ништовно издаденото Одобрението за градење УП1 бр.28-300 од 26.08.2014 година.

Незадоволен од вака донесеното решение, тужителот (АНГО) преку полномошник Панче Тошковски поднесе тужба за управен спор против решението, со укажување дека тужителот како инвеститор се стекнал со одобрение за градење УП1.бр.28-300 од 26.08.2014 година и кое станало правосилно на ден 10.09.2014 година и кој бил должен да отпочне со градба најдоцна до 10.09.2016 година и дека тужителот во законски рок односно на 08.09.2016 година започнал со градба, на начин што на предметната локација е донесен багер и е вршен ископ на земја и шут, а биле донесени и поставени градежни материјали и бил составен градежен дневник.

Од ова укажување се гледа дека градежните работи на објектот катна гаража кај Собранието започнале само два дена пред рокот на одобрението за градба што адвокатот Тошковски го искористил како аргумент во предметот на Управен што го добил во полза на неговиот клиент „АНГО дооел“.

Оваа пресуда во полза на „АНГО дооел“, како резултат на талентот на Тошковски, е основата врз која „АНГО“ ги започнале активностите за изградба на катната гаража на почетокот на оваа година за што Рацин.мк вчера го објави текстот со наслов „Се будат злите духови на Скопје 2014 – Фирмата што во 2013 доби дозвола, започнала со активности за изградба на катна гаража до Собранието“.

Адвокат на партијата и експерт за имотно-правни спорови и недвижнини

Инаку од самата биографија на Тошковски, поднесена до Собранието, може да се види дека во периодот од 2008 до 2011 година бил советник во Министерството за транспорт и врски, работел на акти во врска со градежното земјиште и земјишната политика, а таму членувал и во комисии за концесии и јавни наддавања за градежно земјиште.

Овој период се совпаѓа со промоцијата на „грандиозниот“ проект Скопје 2014 во 2010 година, а Министерството за транспорт и врски беше носител на најголемите и најскапите објекти во овој проект.

Тоа го прави адвокатот Тошковски познавач и близок на овие процеси, освен тоа што во неговиот опис на работа влегуваат имотно-правните спорови експертизата за проценка на недвижен имот.

Тошковски е претседател на Комисијата за правни прашања на ВМРО-ДПМНЕ, а како адвокат бил бранител на неколку обвинети функционери и членови на партијата во случаите кои ги отвори поранешното Специјално јавно обвинителство. Пред судовите застапуваше и други членови и функционери на ВМРО-ДПМНЕ во други случаи. Тој даваше адвокатски и советодавни услуги и на поранешното државно акционерско друштво Електрани на Македонија (ЕЛЕМ), сега Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), додека таму директот беше лидерот на партијата, Христијан Мицкоски.

Овие врски на Тошковски го прават дел од будењето на злите духови на Скопје 2014, чии последици, очигледно, се влечат и денеска, 10 години подоцна.

Според информациите со кои дојде Рацин.мк, на 12 февруари 2024 година до Собранието на Република Северна Македонија, фирмата „АНГО дооел“ доставила „Барање за издавање на потврда со податоци за подземен катастар од страна на сопственик на градежна парцела лоцирана во непосредна близина на Собранието“, кое ова правно лице ја стекнало во сопственост преку постапка за отуѓување на градежно земјиште со електронско јавно наддавање, спроведена од Министерството за транспорт во 2013 година.

Поттикнат од ова барање, имајќи ја предвид потребата да се обезбеди целосна безбедност при функционирањето на Собранието, непречена и сигурна работа на пратениците, но и целосна безбедност на државниот врв, странски делегации и високи гости кои го посетуваат Собранието, претседателот Митрески на 19 февруари 2024 година, организирал итен состанок на кој присуствуваа техничкиот претседател на Владата Талат Џафери, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, заменикот министер за внатрешни работи Назим Буши, градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, генералната секретарка на Собранието Цветанка Иванова, на која разговарале за ризикот и последиците кои може да произлезат од започнувањето на градежните активности во непосредна близина на Собранието.

Од Министерството за внатрешни работи, како институција задолжена да се грижи за јавната безбедност, побарано е да се произнесат дали со градбата се нарушува безбедноста на Собранието како витален објект од државно значење.

Со оглед на тоа што во разумен рок до Собранието на Република Северна Македонија не стигнала никаква реакција, ниту пак беа преземени конкретни чекори за надминување на оваа состојба, од Кабинетот на претседателот Митрески на 5 март 2024 година до Владата и до Министерството за внатрешни работи е доставена и Ургенција за постапување при што повторно беше укажано на потребата за итно постапување по претходните барања.

Одговори на оваа ургенција на Митрески сѐ уште нема.

Зачлени се на нашиот е-билтен