Претседателите на Германија, Италија и Австрија – Франк-Валтер Штајнмаер, Серџо Матарела и Александар ван дер Белен ги повикаа гласачите на европските избори во јуни да ја заштитат демократијата и нејзините вредности, јави ДПА.
– Гледаме ширум светот дека основните вредности на плурализмот, човековите права и владеењето на правото – нашите вредности – се доведени во прашање, ако не и отворено загрозени, порачуваат тројцата лидери во заедничката статија за германскиот „Тагесшпигел“.
Во неа тие забележуваат дека се загрозени темелите на „демократскиот поредок“.
– Обединета Европа би била незамислива без демократија. Со учеството на изборите ги браниме либералните институции, владеењето на правото, нашите темелни вредности и нашата заедничка слобода. Гласањето е едноставно, но моќно средство за зајакнување и консолидирање на овој модел, додаваат Штајнмаер, Матарела и Ван дер Белен.
Предупредуваат дека „демократијата не треба да се зема здраво за готово“.
– Знаеме дека слободата и демократијата мора да се бранат и консолидираат, дека конфронтацијата на екстремните национализми води до војна. Историјата не учи дека таму каде што нема демократија, хуманоста и политичкиот разум се задушени, велат тројцата претседатели во заеднилчката статија објавена во пресрет на изборите за Европскиот парламент.
Изборите за Европарламентот ќе се одржат од 6 до 9 јуни. Одѕивот на евро-гласањата обично е прилично низок. Во 2019 година, во ЕУ во просек изнесуваше 50,7%