Доналд Трамп ја избра републиканската претставничка Елис Стефаник да служи како амбасадорка на САД во Обединетите нации.
„Чест ми е што ја номинирав Елис Стефаник да служи во мојот Кабинет како амбасадор на САД во Обединетите нации. Елис е неверојатно силен, тврд и паметен борец на Америка Прва“, рече Трамп.
Стефаник (40), претставнчка на Њујорк беше жестока сојузничка на Трамп во кампањата.
Обединетите нации го планираат враќањето на Трамп и кратењата на американското финансирање и ангажманот со светската организација што најверојатно ќе дојде со неговиот втор претседателски мандат.
Повлекувањето на САД во ОН може да ја отвори вратата за Кина, која го гради своето влијание во глобалната дипломатија.
Трамп понуди малку специфики за надворешната политика во неговиот втор мандат, но поддржувачите велат дека силата на неговата личност и неговиот пристап „мир преку сила“ ќе помогнат да се приклонат странските лидери на неговата волја. Тој вети дека ќе ја реши војната во Украина и се очекува да му даде силна поддршка на Израел во неговите конфликти со Хамас и Хезболах во Газа и јужен Либан.
Меѓу главните грижи во ОН е дали Соединетите Американски Држави ќе одлучат да придонесат помалку пари во 193-члената светска организација и да се повлечат од клучните мултинационални институции и договори, вклучително и Светската здравствена организација и Парискиот климатски договор.
Стефаник зазеде лидерска позиција на републиканците во Претставничкиот дом во 2021 година, кога беше избрана да ја замени Лиз Чејни, која беше сменета поради критикување на континуираните лажни тврдења на Трамп за изборна измама.
Таа се сметаше за потенцијален избор за потпретседател за Трамп пред тој да го избере Џеј-Ди Венс.
Трамп во саботата рече дека од поранешната републиканска претседателска кандидатка Ники Хејли нема да биде побарано да се приклучи на неговата администрација.
Хејли служеше како амбасадорка на САД во Обединетите нации за време на неговиот претходен мандат и го поддржа Трамп за претседател и покрај тоа што жестоко го критикуваше кога се кандидираше против него на партиските прелиминарни избори.
Трамп се среќава со потенцијалните кандидати да служат во неговата администрација пред неговата инаугурација како претседател на 20 јануари.