Милијана Рељиќ, македонската репрезентативка во таеквондо, ја освои јавноста со својот неверојатен настап на Олимписките игри во Париз 2024 година. Со извонредна техника и цврстина на духот, Рељиќ успеа да ја елиминира двократната олимписка шампионка Џејд Џонс, што ја внесе во четвртфиналето и ја потврди како една од водечките светски таеквондо борци во категоријата до 57 килограми. Со седум медали од последните девет Г1 турнири, Милијана брзо се искачува на светската ранкинг листа и е на пат да остави неизбришлива трага во историјата на македонскиот спорт. Во ова интервју, таа го споделува своето искуство од Олимпијадата, жртвите и трудот кои ги вложила на патот до врвот, и своите надежи за иднината.
Трн: Кој беше најнезаборавниот момент за вас за време на Олимпијадата во Париз?
Милијана: Без размислување, како најнезаборавен момент од ОИ ќе го издвојам самото отворање на истите, каде бев знаменосец. Чувството кога го веете знамето и ја претставувате својата земја, а притоа знаете дека ве гледа целата планета, е неописливо и најубаво чувство. Тоа е најголема чест и гордост за еден спортист.
Трн: Се соочивте со некои од најдобрите таеквондо спортисти во светот, вклучително и Џејд Џонс. Како психички и физички се подготвивте за овие предизвикувачки натпревари?
Милијана: Многу долго време се спремавме за тој ден, многу напорни тренинзи, тренинг кампови каде што со месеци сме оддалечени од нашето семејство, многу вложен труд за да ја подигнеме формата на највисоко ниво и да бидеме физички подготвени, но исто така работевме многу и на психичкиот дел. Џабе е ако си физички максимално подготвен, ако влезеш во борба и не веруваш во себе дека можеш да го победиш противникот.
Трн: Какви лекции зедовте од вашето олимписко искуство, и во победа и во пораз?
Милијана: Од победата, како лично мое искуство, извлеков дека можам да се носам со најдобрите на светот и да ги победам, а од поразот ќе ми биде само една лекција, за да се вратам и бидам уште подобра.
Трн: Веќе сте постигнале толку многу на млада возраст. Кои се вашите следни големи цели во вашата теквондо кариера?
Милијана: Пред сè посакувам да ме служи добро здравје, да немам некои потешки спортски повреди кои би ме успориле во тренажниот процес. Во моментот имаме кратка пауза и за кратко почнуваме со нов олимписки циклус, учество на европско и светско првенство и на сите G1 турнири каде се собираат поени за наредни ОИ. Целта ни е да успеам да обезбедам A норма за следните ОИ.
Трн: Колку ви е важно да ја претставувате Македонија на глобалната сцена и што значи тоа за вас лично?
Милијана: Чест и гордост ми е секогаш кога ја претставувам нашата земја на глобално ниво. Секогаш давам сè од себе на татамите да изборам добар резултат и да ја претставиме Македонија во најдобро светло. Иако сме многу мала земја, сакам да му покажеме на светот дека на нејзиното тло виреат успешни спортисти. Ништо не постои поубаво од тоа да си спортски амбасадор на сопствената земја.
Трн: Каков совет би им дале на младите спортисти во Македонија кои се стремат да го достигнат нивото на успех што сте го постигнале?
Милијана: На младите спортисти им посакувам никогаш да не се откажуваат. Ќе имаат тешки моменти, порази, солзи, ќе оди тешко, ќе се разочаруваат, ќе сакаат да се откажат, но тоа чувство кога ќе го осетат треба само да го заобиколат и да продолжат напред. Успехот не доаѓа преку ноќ. Потребна е многу работа, дисциплина, напор, вежбање, но верувајте, кога ќе почнат да се редат победите и успесите ќе видат дека сета жртва вредела.
Трн: Дали некогаш сте се соочиле со какви било предизвици или дискриминација како жена која се натпреварува во спорт како таеквондо, кој често се смета за тежок и физички напорен? Како ги надминавте тие пречки?
Милијана: До сега никогаш не сум осетила дискриминација во спортот по основ на тоа дека сум жена. Иако таеквондото важи за брз, динамичен, груб, енергичен спорт, за него никако не важи онаа девиза дека е машки спорт. Во светот, таеквондото може да се каже дека вежбаат повеќе жени отколку мажи. На спаринг камповите рамноправно вежбаме и со мажи. Со сигурност можам да кажам дека во таеквондото сите сме рамноправни.