Околу 400 деца од повеќе делови на земјава по 19-ти пат денеска традиционално седнаа на заеднички Божиќен ручек во Прилеп. Организатор е Детската амбасада за сите деца во светот со седиште во Прилеп.
„На Божиќниот ручек се деца од Прилеп, Битола, Крушево, Кавадарци, Скопје, Струмица, Штип…. Ги има од повеќе целни групи: деца без родители, деца од згрижувачки семејства, деца со попречености, но сите се едно. Божиќниот ручек ја носи пораката за чување на вредностите за еднаквост, љубов и мир и дека детската среќа е над сѐ. Се надевам дека оваа традиција ќе ја одржуваат идните поколенија“, изјави Александра Северкоска Стојаноски, извршен директор на невладината организација.
Божикќиот ручек традиционално го благослови владиката Петар.
„Децата се нашата сегашност и нашата иднина. Тие се основата на семејството. Без нив нема ништо. Не може да постои општеството, ниту Црквата“, рече владиката Петар.
На традиционалниот Божиќен ручек, што се одржа во прилепскиот хотел „Салида“, членовите од студиото „Зодијак“ од Прилеп изведоа програма за децата. Беа поделени признанија за општествено одговорните фирми и поединци.
Традиционалниот Божиќен ручек се одржа под мотото „Едно небо за сите деца“.