Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Божиновска за бугарската самосвест: На 14 септември минатата година побарав отпуст од државјанството

За жал, одредени актери во Бугарија, на кои не им е во интерес градењето добрососедски односи меѓу Македонија и Бугарија со цел надминување на пречките за нашето членство во Европската Унија, наместо култура за дијалог, ја злоупотребуваат ситуацијата.

Ваков коментар доаѓа од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, чија министерка Сања Божиновска денеска повторно се најде на тапет откако бугарската агенција БГНЕС ја објави декларацијата со која таа во октомври 2004 година изјавила дека има бугарска самосвест и бугарско потекло.

Во соопштението испратено од Министерството до МИА се тврди дека Божиновска поседува само македонско и чешко државјанство, а оти во моментов нема важечки бугарски документи – пасош и лична карта.

„Државјанството кое го поседувала во минатото е земено од економски причини како што тоа го направиле многу македонски граѓани, а не како што некои актери сега сакаат да ја извртат вистината дека станува збор за национални причини“, се наведува во соопштението од Министерството за енергетика испратено до МИА.

Оттаму додаваат оти Божиновска побарала отпуст од бугарското државјанство на 14 септември минатата година.

Бугарската агенција БГНЕС утринава објави документ од декларацијата со која актуелната министерка за енергетика Сања Божиновска на 21.10.2004 година изјавува дека има бугарска самосвест.

„Изјавувам дека имам бугарска национална свест и сум со бугарско потекло исто како татко ми Перо Божиновски, родум од Куманово и мајка ми Виолета Божиновска, родум од Скопје, држава Македонија кои се Бугари. За невистинитите изјави свесна сум за одговорноста по член 313 став 3 од Кривичниот законик и последиците од член 22 од Законот за бугарско државјанство“, стои во декларацијата во која Сања Божиновска изјавува дека има бугарска самосвест, што денеска ја објави БГНЕС.

Одговарајќи на пратенички прашања во Собранието, премиерот Христијан Мицкоски денеска застана во одбрана на Божиновска откако пратеникот од СДСМ, Оливер Спасовски, праша дали ќе биде побарана нејзина одговорност, во контескт на случајот со нејзиното бугарско државјанство.

Во одговорот до Спасовски, Мицкоски рече „јас ви гарантирам и ви потпишувам дека Сања Божиновска е многу поголема Македонка од сите вас заедно, запишете го ова, ова ви го кажувам и запишете го“.

Зачлени се на нашиот е-билтен